Претседателот на Антикорупциска Игор Тантуровски денеска изјави дека согласно Законот за спречување на корупција, не постои судир на интереси во случајот со компанијата „Фероинвест“ чиј сопственик е заменик-претедателот на Владата Кочо Анѓушев, која учествувала на тендер во државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ. Според Тантуровски, сепак, треба да се има предивид етичкиот и моралниот аспект на овој случај.
- Јас ја слушав изјавата на Анѓушев, се согласувам со него дека фирмата треба да продолжи да работи, дека таму има преку 800 вработени лица и дека тоа е нормална работа тие да продолжат да работат, но етичкиот и моралниот дел како заменик претседател на Владата тоа треба да го носи самиот сопственик на фирмата. Е сега дали фирмата треба да продолжи да работи со државата или може да работи со многу други приватни фирми тоа е веќе дел од етиката, рече Тантуровски.
Вицепремиерот Анѓушев вчера изјави дека нема конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“, дека тој не управува со компанијата.
-Согласно Законот за спречување на корупцијата имам обврска да се повлечам од управувањето на компаниите. Никаде во тој закон нема дека треба да престанам да биде сопственик на компаниите. Јас не управувам со компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата, рече Анѓушев.