Балканскиот полуостров денеска беше погоден од силно невреме, а најпогоден беше хрватскиот град Задар, каде што наврнаа повеќе од 200 литри дожд на метар квадратен.
Во Хрватска попладнево е објавен црвен метеоаларм со предупредување од опасност од поплави поради обилните дождови долж брегот на Јадранско Море. Дождот предизвика поплави во Задар, на островот Хвар, како и на делови од Јадранската магистрала.
Поплавени се болницата во Задар и еден трговски центар, голем број куќи и деловни простории. Надојдената вода предизвика прекин на електричната енергија и на комуникациските врски, а водата од чешмите не е за пиење.
Силниот ветер пропратен со дожд на неколку локации во главниот град на Босна и Херцеговцина, Сараево уриваше стебла и однесе покриви. Обилниот дожд траеше речиси еден час, а поплавените улици предизвикаа сообраќаен метеж во градот.
Федералниот хидрометеоролошки завод на БиХ издаде портокалово предупредување за појава на засилен ветер.
Невреме вечерва го погоди Белград и повеќе градови во Србија, а во Нови Пазар паѓаше град со големина на орев.
Околу 19 часот невремето зафати поединечни делови од Белград, а температурата на воздухот се намали дури за 10 степени односно од 29 на 19 степени Целзиусови.
Силен ветер дуваше во Крагуевац и во Ниш. Во Прокупље ветерот носеше дрва, а сообраќајот речиси е во целосен прекин.