Двоен златен медал доби виното „Бела вода“ (бело) од 2016, а еден златен медал доби црвеното „Бела вода“ 2015 на натпреварот „China Wine & Spirits 2017“.

Од Винарската визба „Тиквеш“ информираат дека наградите се освоени во конкуренција од над 5.000 светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од страна на претставници на најголемите увозници на вино, ресторани, хотели, специјализирани продавници и трговски ланци во Кина, кои прават нарачки од над 90 милиони шишиња вино годишно.

- Исклучително сме задоволни од повторувањето на минатогодишниот успех на овој натпревар. Тоа го зајакнува потенцијалот за унапредување на позициите на нашите врвни вина на овој голем вински пазар, каде конкуренцијата е голема и ја сочинуваат водечките глобални вински брендови и производители. Веруваме дека тоа ќе има влијание врз зголемувањето на пласманот на нашите вина на кинескиот пазар, бидејќи оценувањата и наградите ги доделуваат оние што точно знаат што сакаат потрошувачите на кинескиот пазар“, објаснува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

На годинашниот натпревар во Кина златен медал му е доделен и на премиум виното „Гранд Куве“ од бербата во 2015-та, произведено во винарницата „Домен Лепово“. Со вакво високо признание ова вино од бербата 2013, беше наградено и минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2017 20:19