Во Скопје денеска се одбележа завршната церемонија на ЕУ твининг проектот „Натамошен развој и засилување на организациските, административните и техничките капацитети на Ревизорското тело“.
Шефот на делегацијата на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, Никола Бартолини, истакна дека ревизорското тело е најважна институција, која преку овој проект се покажала дека е многу ефикасна и делотворна во своето работење.
Според него, ревизијата е и чуварот против корупцијата, и мора да послужи како еден пример за државниот буџет
Холандскиот амбасадор во Македонија, Ваутер Пломп, истакна дека Холандија, заедно со Хрватска, била важен партнер во овој твининг проект.
- Холандија останува да биде голем пријател и поддржувач на Македонија во натамошното развивање на интеграцијата на земјата, преку финансисика помош и споделување на експертиза. Во исто време Холандија е и строг пријател на Македонија, што значи бара строгост во исполнувањето на критериумите, рече Пломп.
Тој наведе дека е потребен независен систем на ревизорска политика, додавајќи оти овој твининг проект е важен исто така и за македонските граѓани, кои како даночни обврзници треба да знаат дали разумно се трошат нивните пари.
- Доброто владеење, транспарентноста и човековите права, не се само апстрактни поими, туку конкретни механизми за да се обезбеди личен раст, економски развој, и поголем проспертитет за сите граѓани, рече Пломп.
Хрватската амбасадорка во земјава Даниела Баришиќ искажа задоволство од пренесувањето на знаењата и искуствата во овој проект на македонските партнери. Таа истакна дека Хрватска има пет твининг проекти во Македонија, и како најмлада членка на ЕУ може полесно да се стави на местото на земјите кандидатки, знаејќи со какви предизвици се соочуваат државите во тој процес и ја истакна важноста на имплементација на законите на ЕУ.
Работата на овој проект има придобивки за сите страни, а клучната причина на Хрватска за учество во овој проект е стабилност и просперитет на соседите.
Адем Цури, в.д. главен ревизор за ИПА при Ревизорското тело-корисник, изрази благодарност до европските партнери за успешната реализација на твининг проектот.
Винфрид Бејкманс, директор на Централната владина служба за ревизија при холандското Министерство за финансии, рече дека европските барања содржат повеќе правила за владините трошења, отколку оние содржани во националните регулативи, поради фактот што ЕУ бара од 28-те членки и пристапните земји да ги применуваат европските шеми за субвенционирање. Тоа значи дека треба да се направи увид во европските фондови за да се обезбеди транспарентност.
Наташа Мисовска, лидер на проектот од Ревизорското тело-корисник, изрази надеж дека преку искуството на колегите и експертите од Холандија и Хрватска, како и од Португалија, Германија, Ирска и Естонија, Ревизорското тело за ревизија на ИПА ќе продолжи да обезбедува високо ниво на компетенција и ефикасност во извршување на ревизијата во согласност со меѓународно прифатените ревизорски стандарди и барања на ЕУ.
Хари Јансен, постојан твининг советник, даде детален осврт за текот на проектот истакнувајќи дека тој резултирал со високи квалификувани и мотивирани експерти, како и одржливи резултати.
Мисијата на ревизорското тело е верификација на ефективното и стабилното функционирање на системите за управување и контрола на претпристапната помош на ЕУ во Македонија и усогласеноста со соодветните правила на ЕУ и националните правила, за да се обезбеди законитост и регуларност на трансакциите и заштита на финансиските интереси на Унијата и националните интереси.