Премиерот Зоран Заев придружуван од дел од економскиот владин тим денеска оствари средба со шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Јесмин Рахман на која истакна дека Владата е ориентирана кон развој и финансиска стабилност на државата.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев нагласил дека се создаваат услови за економски напредок на државата.
- Создаваме услови за економски напредок и цениме дека е тој можен, низ поддршка на инвеститорите, посебно домашните претпријатија и отворање нови работни места. Но, мудро креираме одржливи политики, што ќе овозможат стабилност на Буџетот и фискална стабилност, нагласил премиерот Заев.
Тој посочил дека заложба на Владата е да го зголемува процентот на БДП, без да го зголемува дефицитот на државата. Новата Влада, како што истакнал, скратила милиони евра непродуктивни трошоци, а парите ги пренасочила кон проекти за капитални инвестиции.
- Нашата цел е финансиска стабилност на граѓаните и семејствата. Покрај политиките на поддршка на домашните претпријатија насочени сме кон градење пријателски односи со соседите, регионот и земјите членки на ЕУ и НАТО, од што веќе имаме првични резултати на заинтересираност на странски инвеститори за вложувања во Македонија. Политиките на Владата насочени кон стратешките цели на Република Македонија, евро-атлантските интеграции се дополнително охрабрување за домашните и странските инвеститори и оттаму со право веруваме дека економската клима во државата ќе даде видливи резултати, потенцирал Заев.
- Оценка на состанокот е дека луѓето го чувствуваат транспаретното работење на Владата што ја релаксира атмосферата на економски план и отвора шанси и можности за развој, се наведува во соопштението од Владата.