Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС) има законска обврска во континуитет да прима и да постапува по барањата на трговците-поединци и трговските друштва за добивање лиценца за работа и за упис во регистрите на Институтот.

Ова го посочува Министерството за финансии (МФ) во реакцијата на Известувањето на ИСОС со кое се утврдува рок до 30.9.2017 година трговците-поединци и трговските друштва да поднесат барање со придружна документација за добивање лиценца за работа и барање за упис во регистрите на Институтот.

- Во Законот за вршење сметководствени работи и Статутот на Институтот не е утврден рок, ниту е даден основ за утврдување рок во кој трговците-поединци и трговските друштва треба да ги поднесат барањата до Институтот. Оттука, известуваме дека Институтот има законска обврска во континуитет да прима и да постапува по поднесените барања, прецизираат од Министерството за финасии.

Оттаму известуват дека ќе предложат измени на Законот за вршење сметководствени работи, со кои ќе се утврди нов рок за поднесување барања за упис во регистрите за сметководители и овластени сметководители, за оние лица кои поради одредени причини го пропуштиле рокот за упис во регистрите.

- Во моментов Министерството за финансии, согласно законските овластувања утврдени во Законот за вршење сметководствени работи, врши надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, порачуваат од Министерството.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2017 11:57