Македонија и спорот за името биле една од темите на кои вчера во Њујорк разговарале шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Како што соопшти грчкото МНР, во врска со спорот за името и разговорите со посредство на посредникот Метју Нимиц, Коѕиас рекол дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара за прашањето за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.
– На состанокот беше присутен и господинот Нимиц, кој завчера во Лондон се сретна со Василакис (грчкиот пратеник во разговорите за спорот за името, Адамантиос Василакис) Како што знаете, соседната земја во октомври има локални избори. Верувам дека по изборите постои прозорец за можности за дискусија за прашањето за името, ако се напушти иредентизмот – изјавил Коѕиас по средбата со Гутереш.
Во соопштението, што по средбата го издаде прес-службата на ОН, се наведува дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги „поздравил обновените напори за наоѓање решение за спорот за името и го уверил грчкиот министер за надворешни работи во посветеноста на ОН да ги поддржи двете земји во овој контекст“.