Американската компанија за финансиски истражувања и анализи „Стандард и Пурс“ (Standard and Poor’s) потврдила дека кредитниот рејтинг на Македонија е ББ-, со стабилниот изглед, соопшти денеска Министерството за финансии.

Потврдата на стабилниот изглед, стои во соопштението, ги одразува оценките на „Стандард и Пурс“ за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

Економскиот пораст за 2017 година, според извештајот, е ревидиран на еден отсто, првенствено поради ефектите на политичката криза врз негативните движења на домашниот бруто-производ (БДП) во првата половина на годината и одложувањето на дел од јавните и приватните инвестиции.

„Сепак, се оценува дека овој пад е привремен, што ќе резултира со повисок економски пораст до крајот на годината, како и негово понатамошно интензивирање на просечен раст на БДП од 3 отсто меѓу 2018 и 2020 година, при позитивен придонес на инвестициите, потрошувачката и нето-извозот. Очекуваниот буџетски дефицит во 2017 година изнесува околу 3 отсто, односно се оценува дека тој е во линија со дефицитот предвиден во ребалансот. Извештајот, исто така, ја нотира политиката на постојани буџетски дефицити во претходните години, но сепак оценува дека постои одреден простор за флексибилност на политиките, при очекуван просечен буџетски дефицит од 3 отсто од БДП во наредните четири години. Иако, буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз долгот, во 2017 година се очекува тој да изнесува 46,5 отсто од БДП (збир на државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта), односно, во глобален контекст, степенот на задолженост на Македонија е оценет како умерен“, стои во соопштението на Министерството за финансии.

„Стандар и Пурс“ во извештајот навеле дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите насочени кон економски пораст резултираат со повисок пораст на доходот, повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз евентуално влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2017 12:50