Во изминатите три месеци презедовме низа мерки, понудивме решенија и измени на закони – секој наш чекор беше исклучиво во интерес на земјоделците, затоа што развојот на земјоделството е еден од клучните приоритети на Владата, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој го презентираше сработеното за 100 дена од формирањето на Владата.
Николовски кажа дека тоа било турбулентен период кога земјоделските активности се во полн ек, и оти новата Влада се соочила со опструкции од претходната власт што за нив како Влада било предизвик и поттик веднаш да се насочат кон решавање на секој проблем и преземање соодветни мерки.
Министерот за земјоделство наброја низа преземени активности и мерки.
- Одблокирање на исплатата на субвенциите, за три месеци се исплатени 60 милиони евра за субвенции, со измени на Програмите за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој обезбедивме дополнителни мерки за финансиска поддршка, распишавме два огласа за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за површини до три хектари и над три хектари, го продолживме рокот за аплицирање за субвенции за Програмата за финансиска поддршка за 2017 година и рокот за аплицирање за ИПАРД 2 Програмата, рече Николовски.
Отпочната е, како што кажа, реализацијата на долгорочните стратешки политики.
- Субвенциите се државна мерка која со закон им е загарантирана на земјоделците, поради што веднаш пристапивме кон изнаоѓање на решенија, како земјоделците побрзо да ги добијат субвенциите чија што исплата доцнеше неколку месеци. Го решивме проблемот со софтверот за исплата на субвенциите, со што се одблокира процесот на исплата. Направивме измени на Законот за земјоделство и рурален развој, со кои се одложи законската обврска со која еден од условите за добивање на субвенциите беше земјоделците да немаат долгови кон Управата за јавни приходи, истакна министерот.
За само три месеци се реализирани 36 исплати за субвенции во износ од 60 милиони евра, за околу 50 илјади земјоделци.
Потсети дека со цел стабилизирање на пазарот, ублажување на негативните влијанија од временските непогоди и зголемена поддршка на приходот на земјоделците, со измени на Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се обезбедија дополнителни 10 милиони евра.
- И тоа за зголемување за 10 отсто на постоечката поддршка по хектар за лозови и овошни насади, и за градинарски и фуражни култури. Ова е само дел од нашите ветувања во Програмата на Владата за дваесетпроцентно зголемување на субвенциите, што ние го реализираме во првите 100 дена. Со оваа поддршка ќе бидат опфатени 18.000 лозари, 15.000 овоштари и 30.000 сточари, 25.000 производители на пченица ќе добијат дополнителни 6.000 денари по хектар за засеани површини со пченица, дополнителни 1 денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи, помош од неповратни 10.000 евра за млади земјоделци, мерка која е важна за спречување на миграцијата на младите од село во град, поддршка за набавка на приплодни грла и подигнување на повеќегодишни овошни и лозови насади, истакна Николовски.
За земјоделците да имаат непречен пласман за своите производи, како што рече министерот, интервенирано е во стабилизирање на пазарот на праски и лубеници, преку воведување на дополнителна субвенција од шест денари за килограм предадени праски кај преработувачи и дополнителни два денари за килограм продадени лубеници на регистрирани откупувачи.
Донесени се нови пет Упатства за поефикасно и контролирано трошење на парите на министерството.
Потсети дека со ребалансот на Буџетот, се обезбедиле околу два милиони евра повеќе за секторот земјоделство, од кои најголемиот дел се за директна помош за земјоделците, и оти од друга страна се скратени непродуктивните трошоци, како што се тековните расходи и договорните услуги.
Една од долгорочните цели на МЗШВ е унапредување на соработката со меѓународните институции од областа на земјоделство. Уште во првите три месеци се платени дел од заостанатите долгови за членарини во меѓународните институции, кои нудат огромна техничка и финансиска помош за развојот на македонското земјоделство.
- Со плаќање на заостанатите долгови за консултантски услуги за Проектот Јужновардарска долина, втора фаза, ја откочивме реализацијата на овој проект, кој е од витално значење за наводнувањето и со кој што ќе бидат опфатени 4.000 хектари за наводнување, рече Николовски.
Во однос на Јужновардарската долина и препораките за адаптирање на земјоделските култури поради климатските промени министерот кажа дека тоа е прашање за целата држава и дека токму затоа е започната реонизација заедно со ФАО, а од друга страна со Светска банка се работи на моделот на субвенционирање.
- Во основата на земјоделството е наводнувањето. Токму затоа ние во програмата на Владата наведовме дека до крајот на мандатот десет милиони евра ќе се издвојат за рехабилитација на постоечките и изградба на нови системи за наводнување, рече Николовски.
Министерот најави дека во делот на системите за наводнување Македонија ќе добие помош од Турција и од ЕУ, а во Израел е разговарано со 12 меѓународни компании коишто се заинтересирани своите практики и знаења да ги пренесат во Македонија. - Преку Израел се одобрени неколку пилот проекти. Ќе се имплементираат врвни технологии во делот на наводнувањето во Македонија, рече Николовски кој додаде дека дел од изралеските експерти се веќе во Македонија.
Во првите сто дена започната е и реализацијата на реализација и на повеќе долгорочните приоритети за развој на земјоделството.
Потпишан е договорот за реонизација на земјоделското производство според почвено-климатските услови, со техничка поддршка од Организацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации, во износ од 355 илјади долари. Започната е постапка за креирање на законско решение за т.н зелена евтина нафта за механизација, со цел да им ги намалиме трошоците на земјоделците. Отпочнат е процесот на инвентаризација односно попис на шумскиот фонд. По втор пат после осум години извршено е авионско снимање на целата територија на Република Македонија. Меѓудругото, интензивно се работи на промоција на извозот на македонските земјоделско-прехрамбени производи.
- Ја зацврстуваме нашата позиција во регионот, за што доказ е поканата од владиниот врв на Словенија, следната година Македонија да биде земја партнер на Интернационалниот саем за земјоделство и храна АГРА 2018, во Словенија, рече Николовски. Министерот за земјоделство на прес-конференцијата најави ревизија и контрола на семенскиот материјал и препаратите.
- Прва работа што ја договоривме со директорот на Земјоделскиот инспекторат кој е назначаен само пред неколку дена е најнапред ревизија и контрола во овој дел затоа што имаме соодветни индиции за тоа како одредени семиња и препарати се внесуваат во државата, се врши препакување во одредени лаборатории, истакна Николовски кој посочи дека за време на вчерашната посета на штипско и кочанско една од главните забелешки на земјоделците била дека нема квалитетни семиња и препарати.
Рече дека знае дека станува збор за голем бизнис, но дека најнапред ќе биде направена една голема инспекциска контрола на анализи.
- Инспекторатот мора да работи сосема независно, стручно, професионално и да ги имплементира сите наши мерки и политики во овој дел и да обезбедиме квалитетни семиња и заштитни средства, рече Николовски.
Во однос на органското производство министерот за земјоделство најави дека за околу две недели со Мисијата на Швајцарија во земјата ќе го промовираат Регистарот на производители на органска храна како и дополнителна поддршка што државата ќе им ја даде на овие производители.