Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска изјави оти очекува дека нема да има потреба од ревидирање на предвидениот пораст на домашниот бруто-производ (БДП) од 2,2 отсто.

Според министерот, негативните показатели за порастот на економијата се привремени, а одговорноста за минусното салдо на домашниот бруто-производ вели дека е кај претходната влада, односно во проблемите кои произлегоа со автопатиштата.

– Последните податоци за полнење на буџетот укажуваат дека во земјава почнува придвижување на економијата и очекувам дека нема има потреба од ревидирање, а Министерството успева да обезбеди стабилен пораст и финансии до крајот на оваа година – рече Тевдовски, кој денеска го презентираше отчетот за работата на Министерството за финансии во првите 100 дена.

До крајот на оваа година, рече Тевдовски, не е планирано издавање на еврообврзница, а Буџетот ќе се финансира од домашното задолжување.

Во врска со сработеното во изминатите 100 дена од новата Влада, тој рече дека негова цел била да стави ред во јавните трошења, а реформите во системот на јавните финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики.

– Во изминатите сто дена се сработени десет големи промени. Направен е ребаланс на буџетот во кој се скратени непродуктивните трошоци на носителите на власта, силно е подигнато нивото на фискална транспрентност, направена е анализа за распределба на доходи, добро се управува со наследениот јавен долг и намален е бројот на аукции на домашниот пазар, вратени се кредити со просечни каматни стапки од 6 проценти. Има неселективен и забрзан поврат на ДДВ, подготвено е решение за зголемување на минималната плата на 12.000 денари, финализирана е стратегијата за управување со јавните финансии во периодот 2018-2021 година и зајакната е соработката со релевантните меѓународни финансиски институции – рече Тевдовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2017 14:07