Бензините од ноќеска на полноќ ќе добијат повисока цена за половина денар по литар, а цената на дизел горивата се зголемува за 1,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,45, односно 2,36 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 63,5 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 65 денари. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе биде 49,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 38,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,656 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 24,537 денари за килограм.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 5,14 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,759 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.