Продолжената политичка неизвесност го зеде својот “данок” врз економскиот раст, преку страдање на инвестициите поради слабите одлуки. Формирањето на новата влада означи важна пресвртница. Политиките сега треба да се фокусираат на обновата на баферите за фискална политика и спроведувањето на критичните реформи за повторно оживување на растот и да се направи нов притисок кон изгледите за пристапување кон ЕУ.

Растот се предвидува да се ублажи на 1,9 проценти во 2017 година. Продолжената политичка несигурност резултираше со забавување на реалниот раст на БДП на 2,4 проценти во 2016 година, што е најниско од 2012 година. Податоците за првата половина од 2017 година укажуваат на економска контракција предизвикана од остар пад во инвестициите. Сепак, растот на извозот остана на здраво ниво, а исто така и приватната потрошувачка остана резистентна потпомогната од растот на вработеноста и зголемувањето на платите и пензиите. Наспроти овие уназадувања, растот се предвидува да се ублажи понатаму до 1,9 отсто во 2017 година, а инфлацијата се очекува да достигне 1,2 отсто, со што ќе заврши тригодишната дефлација.

Среднорочната перспектива е поволна во зависност од континуираната политичка стабилност и силната надворешна побарувачка. Реалниот раст на БДП се очекува одново да се врати на повисоко ниво во 2018 година и постепено да се зголеми на 3,75 отсто на среден рок, поддржан од подобрените одлуки од страна на инвеститорите, проширените извозни капацитети и континуирано подобрување на условите на пазарот на трудот. Ризиците во однос на изгледите се во надолна линија. Постоењето на владеачка коалиција со минимално мнозинство би можело да биде ставено на тест, во контекст на претстојните локални избори, а евентуалното обновување на политичката несигурност би можело да ја поткопа кревката доверба. Исто така, постојат надворешни ризици од послаб раст на трговските партнери и глобалната политичка несигурност која може да го намали извозот и приливите на СДИ. Гледано во нагорна линија, зајакнувањето на политичката стабилност може да доведе до одлучувачки притисок за структурни реформи и подобрување на изгледите за пристап во ЕУ и потенцијалот за раст.

Миксот на макроекономски политики треба внимателно да се дизајнира за да се обноват политичките бафери и да се поддржи растот. Со јавниот долг на ниво над 45 отсто од БДП на крајот на 2016 година, што е безмалку удвојување во однос на нивото од 2008 година, итно е потребна фискална консолидација за да се зачува одржливоста, да се обноват баферите за справување со идните шокови и да се создаде простор за справување со притисокот од социјалниот развој и инфраструктурните потреби. Монетарната политика треба да остане прилагодлива, имајќи ја предвид ниската инфлација и стабилноста на девизниот курс. Финално, клучни се структурни реформи за поддршка на повисок раст, при што пазарот на труд, управувањето како и судството се приоритетните области.

Фискална политика: Подршка на одржливоста и создавање простор за керирање на политики

Во отсуство на трајни мерки за консолидација, фискалниот дефицит се очекува да се прошири и јавниот долг да порасне. И покрај забавениот раст, недоволното извршување на трошоците за капитални инвестиции и за стоки и услуги, најверојатно ќе го задржат фискалниот дефицит на ниво од околу 3 проценти од БДП во 2017 година. На среден рок, проектираниот дефицит ќе остане над 3,5 проценти од БДП како одраз на исплатата на неисплатените обврски, субвенциите за зголемувања на платите и дополнителна поддршка за социјална заштита. Како резултат на тоа, се очекува јавниот долг да достигне ниво над 53 проценти од БДП до 2022 година, при што се проценува дека потребите за фискални финансирања на бруто ниво да достигнат 15,5 проценти од БДП.

За да се создаде простор за креирање политики и задржување на одржливоста, постепената фискална консолидација треба да започне без одлагање. Мисијата ја поздравува намерата на владата да го поддржи вработувањето и социјалната инклузивност, но планот за ова да се постигне главно преку субвенционирани повисоки плати и даночни поттикнувања, ја загрозува фискалната одржливост. За да се обезбедат трајни резултати, овие цели треба да се остваруваат преку серија на политики кои ќе го поттикнат учеството на пазарот на трудот, ќе ја намалат неефикасноста во трошењата за социјална заштита и ќе создадат дополнителен простор за јавни инвестиции во човечки капитал и инфраструктура.

Мисијата ги препорачува следниве конкретни мерки:

Намалување на даночното оптоварување на платите кај примателите на ниски плати. Високо регресивниот систем на оданочување на трудот ги обесхрабрува нискоквалификуваните работници да се приклучат кон работната сила и да имаат интерес за формално вработување, особено ако имаат на располагање семејни приходи во форма на социјална помош и дознаки. За да се поттикне учеството, мисијата препорачува намалување на минималната основа на плата за придонесот за социјално осигурување. Ова треба да биде придружено со силен процес на ревизија за да се обезбеди усогласување како и одредена прогресивност во оданочувањето на приходот за да се обезбеди неутралност на приходите.

Да се зголемат дополнителни приходи преку поголема ефикасност во наплата на ДДВ и повисоко оданочување на имот и гориво. Ефикасноста на наплатата на ДДВ е влошена и останува значително пониска споредено со останатите земји од Западен Балкан. Подобрувањето на покриеноста и насочувањето на ризиците од усогласување, подобрувањето на работењето на канцелариите за големи даночни обврзници и воспоставувањето на целосно функционална единица за управување со ризици, би можеле значително да ја подобрат наплатата. Дополнителни добивки во приходите може да се остварат со повисоки даночни стапки на горивото, кои се меѓу најниските во регионот, како и кај стапките на оданочување на имот.

Намалување на тековните трошоци преку намалување на субвенциите и реформа на пензискиот систем. Фискалниот простор во последниве години во голема мера се користеше за зголемување на субвенциите и пензиите.

Нетаргетираните субвенции треба да се намалат, а воедно треба да се заузди големиот и проширен дефицит во пензискиот систем преку подигнување на законската возраст за пензионирање, до просекот во земјите од ЕУ, затегнување на можностите за предвремено пензионирање, индексирање на пензиите само преку индексот на трошоците за живот, како и со воздржување од ад-хок зголемувањата. Со само една четвртина од непензиските социјални бенефиции кои одат во најсиромашниот сегмент, социјалната инклузивност ќе може да се подобри преку подобро таргетирање.

Мисијата ја поздравува намерата на владата да го зајакне управувањето со јавните финансии и да ја зголеми фискалната транспарентност. Властите би требало да ја трансформираат оваа амбициозна агенда во план со правилно поставени приоритети со фокус на клучните слабости со цел подобрување на управувањето со јавното финансирање. Покрај тоа, треба да се преземат активности за исплатата како и за превенција од нови заостанати долгови. Новата администрација ги идентификуваше можните заостанати долгови за исплата на ниво на општа влада како и блокираниот поврат на ДДВ. Од клучно значење е да се потврдат овие тврдења и да се развие транспарентна рамка за нивно подмирување.

Подеднакво важно е да се воспостави систем кој спречува акумулација на нови долгови со зајакнување на контролата на посветеноста.

Монетарни и финансиски политики:

Заштита на стабилноста на макроекономскиот и финансискиот сектор Монетарната политика треба да остане прилагодлива во блиска иднина. Со ниската инфлација, надворешната стабилност и сеуште негативниот производствен јаз, затегнувањето на монетарната политика во тековниот момент би било преурането. Во последниве години, надворешната стабилност беше поддржана преку подобрувањето на трговското салдо поради силниот извоз, кој заедно со постојаните приливи на СДИ како и обезбедениот пристап на пазарот на капитал помогнаа да се одржи адекватно ниво на девизните резерви. Сепак, властите треба да останат подготвени за затегнување на монетарната политика доколку постојат знаци на брзо забрзување на инфлацијата или притисоци врз девизните резерви.

Банкарскиот систем е здрав. Силните акции на НБРМ минатата година, по период на турбуленции, претставуваа тест за зачувувањето на стабилноста на банкарскиот систем. Усвојувањето на Базел III стандардите за адекватноста на капиталот порано оваа година дополнително го зајакнува капацитетот на банкарскиот систем за издржливост на шокови.

Банкарскиот систем во моментов е добро капитализиран, ликвиден и профитабилен, со ограничена изложеност кон финансирање на матичните банки. Сепак, постојат ризици во однос на билансот на состојба од високиот степен на финансиска евроизација и умерен ризик од евентуалното повлекување на ликвидност заради големото присуство на мајките банки од ЕУ. Властите треба тесно да ги следат случувањата и да користат микро и макропрудентни алатки колку што е потребно за управување со ризиците.

Структурни реформи: Зајакнување на растот и подобрување на изгледите за пристап во ЕУ

Подобрувањето на среднорочниот потенцијал за раст зависи од одлучното справување со слабостите на судството и сеопштото управување. ПЈР Македонија доживеа една од најбавните конвергенции на приходите со напредната Европа во последните две децении споредено со останатите земји во развој од Европа. Ограничениот напредок во спроведувањето на реформите, особено во областа на управувањето и политиката на конкурентност, ги уназади приливите од СДИ и застана на патот на повисока интеграција со Европската унија. Фокусот на новата влада за реформа на судството и подобрување на квалитетот и транспарентноста на јавните институции е охрабрувачки, како што е и намерата да се обезбедат еднакви услови за сите инвеститори. Секоја директна поддршка на претпријатијата во форма на субвенции или даночни олеснувања треба внимателно да се процени со цел да не се загрози фискалната одржливост.

Со проектираниот пад на работоспособното население, треба да се посвети поголем акцент на зголемување на учеството на работниците и надградување на вештините. Значителен дел од работоспособното население, главно жени, останува надвор од работната сила. За да се подобри учеството на женската работна сила, која е една од најниските во Европа, мисијата препорачува зголемување на достапноста за згрижување на децата и овозможување поголема флексибилност во политиките за семејно отсуство. За да се намали астрономски високата стапка на невработеност кај младите на ниво од околу 50 проценти, поголем акцент треба да се посвети на стручната обука и повисокото вложување во вештините, вклучително и преку активните политики на пазарот на трудот. Од друга страна навраќањето кон зголемување на минималната плата, како што е планирано, може да ја влоши состојбата со невработеноста кај младите, да ги насочи луѓето повеќе кон неформалниот сектор, да има обратен ефект вра конкурентноста кај извозно ориентираниот сектор како и да направи притисок врз ограничените буџетски средства.

Тимот на ММФ ја искажува својата благодарност за соработката, гостопримството и искрените разговори на властите.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2017 16:18