Македонија до крајот на годината ќе ја добие првата Стратегија за управување со јавните финансии за периодот 2018-2021 година, чија нацрт верзија денеска беше презентирана во Министерството за финансии.
Според ресорниот министер Драган Тевдовски, Владата е целосно решена системот на јавни финансии во Македонија да се донесе на повисоко ниво како во ЕУ.
– Ова е првпат Македонија да има ваква стратегија. Важна е од три големи причини. Таа содржи акциски план за реформи на сите поважни елементи на системот за јавни финансии. Со оваа стратегија започнуваме да мислиме на еден подолг рок што е многу различно од оние ад хок промени во системот. Третата причина е промените што се дизајнирани во оваа стратегија се во насока на најдобрите европски стандарди и практики, што значи дека ќе не донесат поблиску до системот на ЕУ, изјави министерот Тевдовски на почетокот на презентацијата.
Тој посочи дека нацрт документот кој денеска се презентира е објавен уште на 1 септември на веб страницата на Министерството за финансии и оти и тоа е нова пракса, а денеска се сака да се отвори дебата по стратегијата за да се слушнат мислењата, но и да се добие критика за тоа што да се промени. Целта, е вели министерот, до крајот на годината да се прифати оваа стратегија.
– Сериозно сме решение, иако стратегијата е амбициозна, да ја реализираме па затоа иако уште не е прифатена, почнавме да реализираме сериозни мерки од неа како што се мерките од фискална траспареност. Напорно работеевме овој период за подобрување на среднорочното буџетско планирање, така што имаме целосна решеност системот на јавни финансии во Македонија да го однесме на едно повисоко ниво на ниво на ЕУ, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.