Рекламните билборди на училиште за странски јазици во центарот на Загреб на кои беше првата дама на САД, Меланија Трамп, се отстранети, а училиштето се извини откако доби закана за тужба од словенечкиот адвокат на Меланија.
На билбордот на „Амерички институт“ со кој се рекламираат курсеви по англиски јазик, покрај фотографијата на Меланија Трамп пишуваше „Замислете си колку далеку може да стасате со малку познавање англиски јазик“ (Just imagine how far you can go with a little bit of English). Билбордите биле отстранети вчера.
Наташа Пирц-Мусар, адвокатка на првата дама на САД, вели дека е задоволна од извинувањето на училиштето и од признавањето дека го прекршиле законот, како и од повлекувањето на билбордите.
Ивис Буриќ, портпарол на училиштето, се извинила за билбордите и рекла дека намерата била тие да звучат позитивно. Сепак, кампањата била успешна, оти билбордите привлекле големо внимание, појаснила Буриќ за медиумите.