Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли тврди дека Косово обезбедило гласови за членство во УНЕСКО, но претходно е потребно да се донесат два закона кои се однесуваат на верската еднаквост.
Пацоли, кој е дел од делегацијата на Приштина на заседанието на Генералното собрание на ОН, истакна дека за неколку денови и повеќе состаноци одржани во САД обезбедил нови гласови за членство на Косово во УНЕСКО.
– Како што знаете, Косово мора да се пријави за влез во УНЕСКО, иако многу доцниме. Помина долго време, а малку е направено. Проучував и стратегија и начин на кои се врши обезбедувањето гласови. Охрабрен сум и велам дека ќе имаме гласови за УНЕСКО. Имавме денеска многу важен состанок со пријателска држава која го призна Косово и во разговор со неа, всушност на нашата земја и се гарантирани меѓу 15 и 20 гласови за УНЕСКО, потврди Пацоли.