Наводите дека преку САНОС се испумпувале државни пари се целосна невистина. Одговорно тврдам дека од 2004 година, откако сум сопственик на фабриката, не сум примил ниту еден денар државна помош или субвенции, истакна сопственикот на САНОС Славе Распашковски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека на 21 јули годинава петте високотуристички автобуси за Казахстан, произведени во САНОС, ја напуштиле земјава преку граничниот премин Деве Баир и веќе пристигнале на својата дестинација. Тоа, како што нагласи, го потврдила и Царинската управа на Република Македонија во вчерашното соопштение со кое потврдила дека на 20 јули годинава завршиле сите царински процедури за петте автобуси произведени во САНОС за Казахстан во вредност од 777.975 евра.

– Автобусите се целосно нови и произведени во фабриката на САНОС со македонски кадар, како и сите други автобуси што сме ги произвеле и продале во изминатиот период, рече Распашковски и додаде дека е целосна невистина оти Волво во 2005 година имал некеква понуда за САНОС.

Во изминатите неколку години, како што кажа, не неколку пати се обиделе да донесат странски инвеститор во компанијата, но на сите не им било дозволено да влезат во фабриката.

– Бројот на вработени во САНОС од 2004 до 2009 година варираше од 400 до 180, а потоа имаше период во кој не работеше поради некои недоразбирања со власта. Потоа повторно почна производството и во 2012, пред официјалното објавување дека во земјава ќе влезе Ванхол, работеа 100 лица. По доаѓањето на Ванхол останавме без голем број вработени, појасни Распашковски.

Во моментов, истакна, во фабриката работат 20-тина лица, но како ќе се зголемува дотурот на материјали неопходни за производството ќе расте и бројт на вработени. Вработените се ангажираат со различни договори во зависност од потребите и понудата на пазарот на трудот.

– Сите автобуси кои се купија од Кина и Украина можеше да се произведат во погоните на САНОС во Македонија, но некој немаше интерес за тоа. Покрај, тоа се дадоа и големи субвенции за Ванхол да дојде во земјава, потенцира Распашковски.

Скопската компанија Унитајарс е 100-прцентен сопственик на брендот САНОС кој произведува автобуси во Скопје од 1946 година. Во моментов компанијата има договор за испорака на 71 автобус за Казахстан од кои веќе 11 се испорачани, меѓу кои и спорните пет високотуристички автобуси. Компанијата има важечки договори со германските производители Мерцедес и Ман за вградување нивни делови во автобусите и сервисирање на готовите автобуси на САНОС.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2017 15:19