Со анекс договорот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип покрај што се продолжува рокот за завршување на работите до 30 септември следната година, се уредува и прашањето за ненаплаќање до определен рок на побарувањата помеѓу Јавното претпрјатие за државни патишта и изведувачот на работите кинески „Синохидро“. Од понеделник ќе се договора и нов рок за изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

– Јавното претпријатие за државни патишта кое е носител на договорот со „Синохидро“ зема обврска да не бидат наплатени пенали од страна на државата до 15 февруари следната година, а исто така до 15 февруари да не се наплаќаат пеналите односно оштетните побарувања коишто ги бара „Синохидро“. Тоа е поврзан рок и после тоа се враќаме на процедурата, односно она што ќе значи наплата од страна на државата на своите побарувања и исто така и на „Синохидро“, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Основната цел, како што потенцираше, е изградбата на автопатот која во ниту еден момент не смее да запре.

– Автопатот мора да биде направен. Има реализација на работите од 74 проценти и сметаме дека во периодот од година и некој ден автопатот треба да биде завршен, рече Сугарески, истакнувајќи дека една од клучните цели на анекс договорот е да не дојде до нарушување на стопанството и да нема шети за фирмите.

Првичниот рок за автопатската делница Миладиновци-Свети Николе Штип, во должина од 47 километри, беше 1 мај годинава. Вредноста на тој проект е 206 милиони евра.

Министерот Сугарески најави дека од понеделник ќе почнат разговори со „Синохидро“ за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид бидејќи, како што изјави, очигледно е дека сегашниот рок, 31 јануари следната година, нема да биде доволен.

– Дополнително ќе треба да се види и фискалната импликација која што би се јавила за изградбата на автопатот, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, според сегашниот договор, чини 374 милиони евра. Првичните проценки на надлежните институции покажуваат дека ќе бидат потребни дополнителни над 120 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2017 15:23