Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, по завршувањето на 72. Генерално собрание на Обединетите нации ги брифирал грчките новинари за решението за проблемот за името со Македонија.
Според пишувањата на грчките медиуми, тој кажал дека прашањето за името има четири дела, односно името и употребата на името, две прашања кои биле во надлежност на преговорите на Метју Нимиц, и изведените зборови што се однесуваат на јазикот и на државјанство, како и кратенките.
Коѕиас оценил дека единствен начин да се најде решение е „пакет-преговори“, а забележал располжение кај Скопје да тргне одредени иредентистички симболи.
Состанокот со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, Коѕиас го оценил како пријателски.
Посредникот во преговорите, Метју Нимиц, оценил дека односите помеѓу Грција и Македонија во последните неколку месеци значително се подобриле и имало волја на двете страни за наоѓање решение за прашањето за името.
„Се надевам дека можеме да ги забрзаме разговорите подоцна годинава. Двете земји дадоа збор дека се заинтересирани тоа да се направи. Односите се подобрија во последните месеци и очекувам поголема активност“, изјавил Нимиц, кој рекол дека во вистинско време ќе даде нови предлози за името.