Продолжената политичка криза и нанесе сериозни штети на македонската економија и тешко дека ќе постигнеме никаков раст оваа година, по падот во првата половина, изјави гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов.

– Нашите превидувања од април за економски раст од 2,5 проценти очигледно беа премногу оптимистички. Политичката криза предизвика поголем пад отколку што првично сметавме, изјави Богов во интервју за Ројтерс на маргините на Конференцијата на гувернерите на централните банки одржана во Сарево.

Тој натаму нагласува дека имајќи предвид оти во првата половина од оваа година македонскиот БДП забележа пад од 0,9 отсто, би „бил среќен ако оваа година ја завршиме со позитивен економски раст“.

Британската агенција потсетува дека македонската економија лани оствари раст од 2,4 отсто, но во вториот квартал од оваа година БДП падна за 1,9 отсто, што е негово прво намалување од 2012 година.

Богов во интервјуто натаму наведува дека македонската економија следната година може повторно да бележи раст, доколку се стабилизира политичката ситуација.

– Доколку имаме целосна политичка стабилност и економски политики од новата Влада, можеме да очекуваме растот постепено да се врати на трендот што го имавме пред да западнеме во политичката криза во 2015 година, вели Богов,

Гувернерот на централната банка очекува Владата да продолжи со фискалната консолидација со цел да го стабилизира буџетскиот дефицит, кој се проценува на околу три отсто за оваа година.

Богов вели дека Народната банка не гледа потреба за дополнително прилагодување на основната каматна стапка, која е на историски минимум од 3,25 отсто, но нагласува дека внимателно ќе ја следи состојбата со надворешниот сектор и фискалните политики во текот на следните години.

Според него, по тригодишна дефлација, се очекува годинава инфлацијата да достигне 1,3 отсто, а во 2018 се предвидува нејзината стапка да изнесува два проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2017 18:43