Хрватската Влада подготвува закон за правата на бранителите, со кој првпат Србија, Црна Гора и српското национално малцинство во Хрватска се оквалификуваат како „агресори“.
Законот веќе доби поддршка од сите политички партии во Комисијата за ветерани на Хрватскиот сабор, а досега ќе беше и усвоен доколку не се спротивставеше претседателот на Самостојната демократска српска партија (СДСС), Милорад Пуповац.
Одредбите во предложениот закон се засновани на Декларацијата за татковинска војна, но постојат две значајни разлики кога станува збор за формулацијата, кој се бил агресор на Хрватска.
Имено, во Предлог-законот се наведува дека „агресија врз Хрватска извршиле Србија, Црна Гора, Југословенската народна армија (ЈНА) и паравоени единици од Босна и Херцеговина со помош на голем број припадници на српското малцинство во Хрватска“, додека во Декларацијата не се споменува Босна и Херцеговина и се наведува дека „вооружениот бунт било дело на српскиот народ во Хрватска“.
Пуповац, истакна дека Предлог-законот за хрватските бранители е неприфатлив од повеќе причини.
– Законот го стигматизира поголемиот дел од Србите во Хрватска, има негативни политички и правни последици и дополнителни ги поткопува судирите меѓу Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, бидејќи повторно го отвора прашањето за причините и последиците за војната, изјави Пуповац.
Претседателот на СДСС истакна дека се уште постои надеж оти законот нема да биде усвоен, наведувајќи дека се разгледуваат сите правни основи и сите можни последици од законот врз меѓуетничките односи во Хрватска и меѓу државите во регионот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во рамки на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк се изјасни против Предлог-законот.
– Во тој закон во еден член се зборува за агресија на Србија и на дел од жителите на Хрватска, се мисли на Србите кои ја имаат прифатено големосрпската политика. Такви дефиниции и нивно внесување во закон… е многу тешко за Србите, а тоа е исклучително тешко и за нас, нагласи Вучиќ во Њујорк.
Тој потенцираше дека на таа тема ќе разговара и со претставниците на Хрватаска и на Европската унија.