Со формално основање на Комисија за стручно образование во Република Македонија и доделување сертификати на нејзините членови Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија го официјализира почеток на програмата „Dual Training”.

Станува збор за тригодишен проект за дуално стручно образование што ќе се спроведува со германска експертиза и поддршка. Како што информира Мартина Колберг, претставник на германското Министерство за економија и енергетика на денешната конференција во Скопје, проектот покрај во Македонија се спроведува и во Индонезија, Малезија, Виетнам, Хрватска и Босна и Херцеговина.

- Македонија е избрана заради потребите на германските автомобилски компании во земјава од квалификувана работна сила. Наша цел е задоволување на конкретната потреба на германските компании за работници, а не да им даваме совети на државите каков систем на образование им е потребген, порача Колбарг.

Таа посочи дека со системот за дуално образование се добива меѓународно признато образование со добра перспектива на домашниот пазар на трудот.

Директорот на Делегацијата на германското стопаснтво во Македонија Патрик Мартенс истакна дека во земјава има 200 компании со германски капитал кои вработуваат речеси 15.000 лица кои на пазарот на трудот не можат да најдат специјализирани работници, бидејќи, како што кажа, државниот образовен систем не ги продуцира доволно.

- Со овој проект ќе им помогнеме на компаниите кои работат во индустријата да обезбедат стручен кадар со тоа што учениците уште за врема на своето средно образование ќе бидат подготвувани за работа во конкретна компанија, посочи Мартенс и додаде дека ова е типичен пример за јавно-приватно партнерство.

Германскиот амбасадор Томас Герберих порача дека дуалното образование е образование ориентирано кон потребите на пазарот на трудот и е инвестирање во иднината и економијата и нагласи дека во Германија има поговорка која вели „занаетот е злато“

- Дуалното стручно образование претставува паралелно образование во некоја фирма и компанија и е спој на образование и пракса, рече Герберих и посочи дека ваквиот вид на образование придонел за добрата економска состојба на Германија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека во Македонија е невработено 48,7 отсто од активното младо население на возраст од 15 до 24 години, а дури 25 отсто од вкупниот број на невработени во земјава е на возраст до 29 години.

- Тоа покажува дека нешто треба да се менува во системот за образование и дека треба да се прифати германското искуство. Во Македонија сега речиси 95 отсто од завршените средношколци се одлучуваат да го продолжат своето образование на универзитетите. Сметам дека нема економија која може да апсорбира 95 отсто високообразован кадар. Дуалното образование е трипл вин стратегија од која корист ќе имаат стопанството, работниците и Владата, рече Анѓушев.

Тој нагласи дека Владата ќе се заложи да го имплементира системот на дуално образование во средното образование. Компаниите, како што кажа ќе можат да стипендираат средношколци кои ќе имаат обврска веднаш по завршувањето да се вработат кај нив извесен период, а останатите ученици кои нема да бидат стипендирани ќе можат веднаш да го продолжат своето образование на универзитетите.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2017 16:42