Турција била и ќе биде на врвот на надворешно-политичките приоритети на Македонија. Обемот на странски инвестиции од Турција на Балканот и Македонија е значителен, но се уште постои простор за подобрување, беше оценето на панел дискусијата што синоќа во Скопје ја организираше Здружението на дипломирани студенти од турските универзитети.
На панел дискусијата беше истакнато дека соработката на културен, економски, политички и академски план е и мора да остане приоритет за доброто на двете држави.
Според поранешниот премиер на Турција и пратеник од Конја, Ахмет Давитоглу, кој беше главен говорник на панел дискусијата, блискоста меѓу Македонија и Турција, особено кај помладите генерации, е клучна за понатамошно развивање на идните билатерални односи, а Здружението на дипломирани студенти од турските универзитети треба да ја заземе улогата на катализатор на развојот преку образовните институции.
– Нас ни требаат луѓе кои градат мостови, а не ѕидови, истакна Давутоглу.
На панел дискусијата се обрати и турската амбасадорка Тулин Еркан Кара, а говореа и претставници од политичките партии и бизнис секторот.
Целта на панел дискусијата беше да се увидат потенцијалните предизвици во развојот на идната соработка меѓу Македонија и Турција како на економско, така и на политичко ниво, како и одржувањето на билатералните односи и воспоставувањето на клима којашто ќе ја подигне афирмацијата на турските инвеститори во Македонија и македонските извозници во Турција.