Серхио Агуеро, напаѓачот на Манчестер сити, доживеал тешка сообраќајна несреќа во која, за среќа, е избегната трагедија. На пат кон аеродромот, наводно, таксистот кој го возел изгубил контрола над автомобилот и со голема брзина удрил во бандера.

ЕСПН, кој прв ја пренесе оваа информација, наведе дека Аргентинецот во несреќата скршил ребро и дека ќе отсуствува шест до осум седмици.

Медиумите наведуваат дека Агуеро бил врзан со појас, кој најверојатно го спасил од смрт.

Доколку прогнозите се точни, тој ќе го пропушти утрешното дерби со Челзи, како и два одлучувачки натпревари на Аргентина во квалификациите за Светското првенство.

Холандската полиција потврдила за „Скај спортс“ дека две машки лица биле префрлени во болница поради повреди здобиени во несреќата, но не сакала да ги открие нивните имиња. Но, поранешниот клуб на Агуеро, Индепендиенте, на профилот на „Твитер“ му испрати поддршка на поранешниот играч и со тоа непосредно потврди дека тој бил еден од учесниците.

„Биди силен и брзо закрепни. Сите од Индепендиенте се покрај тебе во овие тешки моменти“, напишале покрај фотографијата, а потоа и „граѓаните“ потврдиле дека во текот на денот ќе го прегледаат клупските лекари.

Агуеро во Амстердам бил по повод концертот на колумбиската пејачка ѕвезда Хуан Луис Лондоњо Аријас, попознат како Малума.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2017 14:26