Претставници на локална самоуправа, универзитетски професори, бизнис лидери, експерти, историчари, истражувачи од Република Македонија и Грција дискутираа за предизвиците во областите каде делуваат на Самитот за граѓанско општество што се оджува во Солун, Грција, во рамки на Програмата за мир и човекови права.

Единствен говорник од бизнис секторот од Македонија на Самитот е претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, која е панелист на сесијата посветена на економијата, заедно со Киријакос Лефакис, претседател на СЕВЕ и Димитрис Маркопулос, главен уредник на грчкиот дневен весник „Прототема“.

– Уникатноста на овој Самит е што се отворија значајни прашања кои како експери од областите од двете земји тука заедно ги дискутираме. Откако ги детектиравме предизвиците најпрво потребно е суштински да ги разбереме за да можеме да пристапиме кон рушење на бариерите. Само на тој начин ќе отпочнеме да создаваме взаемна позитивна слика за другиот која треба да ни го трасира патот кон иднината, рече Арсовска.

Несомнено е, додаде таа, дека улогата на економијата во целиот тој процес претставува столб за зајакнување на билатерална соработка меѓу Македонија и Грција, а Сојузот активно делува во насока на зголемување на соработка меѓу компаниите од двете земји, за што се превземени конкретни чекори.

Арсовска во оваа пригода упати порака за стабилни економски добрососедски односи како чекор кон поголем економски раст на регионот.

Самитот го отвори со поздравно обраќање градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

Грција е еден од петте најзначајни трговски партнери на Република Македонија. Најголемите инвестиции се во банкарскиот сектор, нафтената индустрија, трговијата и текстилната индустрија. Минатата година, остварена е трговска размена во вредност од 598 милиони евра, извозот е 148 милиони евра, а увозот е 450 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2017 23:26