Компаниите детектирале 60 проблеми при примената на одредени закони, а честите измени на регулативата изминатите неколку години им создавале проблеми во работењето, изјави денеска Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија.

Стопанска комора, во соработка со другите комори и со помош на УСАИД, го спроведуваат проект „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, за компаниите полесно да ги применат законите што се однесуваат на нивното работење и да предложат измени каде што има проблеми.

Бизнис-заедницата бара данокот на додадена вредност да се плаќа по наплатена, наместо како што е сега, по издадена фактура.

Исто така, бараат измени во Законот за готовинско плаќање, во кој доколку се утврдат неправилности при издавање фискални сметки, според нив, би требало да следува само парична казна, но не и забрана за вршење на дејноста. Овие барања за измени на овој закон веќе се влезени во собраниска процедура.

Во однос на Законот за работни односи, компаниите бараат практиканството да биде посебно регулирано, пред да биде склучен договорот за работа, бараат прецизирање во однос на исплатата на К-15, како и намалување на висината на казните.

– Практичната работа треба да биде посебно регулирана, односно надвор од договорот за работа. Сега како што е регулирано, претставува финансиско оптоварување за компаните, бидејќи постојат специфични индустрии каде што освен плаќањето придонеси има и други давачки – изјави Павлина Димовска, правен советник за регулатива во рамките на УСАИД.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2017 13:45