Царинските приходи во првите девет месеци од годинава се поголеми од планираното за 5,72 проценти, а во однос на тој период претходната година за седум проценти.

Ова го соопшти директорот на Царинската управа на РМ Ѓоко Танасоски на прес-конференција со својот колега од хрватската Царина Хрвоје Човиќ, кој престојува во посета на Република Македонија.

Најави поедноставување на царинските постапки, што ќе го олесни работењето на малите и средните компании, ќе ја подобри нивната конкуреност и ќе им помогне поефикасно да се вклучуваат во глобалните синџири на трговија.

– Ги примаме сите жалби од деловната заедница. Имавме и добри состаноци со шпедитерите и со претставници на Македонско турската стопанска комора, со стопанската комора на преработувачите на месо и имаме многу добар инпут за тоа кои проблеми ги има стопанството. Одредени постапки ги ревидираме и ќе избегнеме да постои субјективност околу постапувањето во царинските постапки, истакна Танасоски.

Посочи дека се работи на ново законодавство кое ќе биде усогласено со регулативата на ЕУ, а во тој процес ќе се користи хрватското искуство.

За тоа дали во Хрватска по барање на некоја фирма се укинува царината, гостинот посочи дека тие ги почитуваат правилата на ЕУ.

– Ние сме хармонизирани со европската тарифа и се она што е пропишано за 28 земји членки важи и за нас, рече Човиќ и додаде дека на барање на една фирма немаат можност да укинат царина.

Во Македонија, истакна директорот на македонската Царина, укинувањето на царинска давачка се прави врз основа најчесто на деловната заедница, а сето тоа оди преку одредени министерства и доколку има потреба се постапува на времено укинување.

– Во сите други случаи, појасни, како Царинска управа вршиме усогласување на царинските давачки со тие кои се во ЕУ за да кога ќе пристапиме во ЕУ да бидеме комплетно хармонизирани со нивното законодавство.

Македонија и Хрватска за седум месеци годинава имаат остварено трговска размена од 5,8 милијарди денари.

Одговорајќи на новинарско прашање рече дека во моментов во Царината не се водат дисциплински постапки против вработени поради добиено мислење од Државната комисијата за спречување на корупцијата за забрани да се поведуваат постапки.

– За одредени процеси за работењето на царинските работници има Сектор за професионална одговорност кој си ја спроведува својата задача согласно неговите задачи и на терен излегуваат редовно и ја контролираат работата на царинските работници, истакна Танасоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2017 14:29