- Турција и Србија се двете клучи земји за Балканот и нивната соработка е од суштинско знаење за одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на Полуостровот и во Европа, наведува турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во авторскиот текст за весникот „Политика“ објавен по поводе неговата денешна посета на Белград.

- Врските меѓу Турција и Србија се силни и со длабоки корени. Во долгата историја на тие територии Турците и Србите живееја заедно. И денес можат да се забележат траги од нашата заедничка историја во јазикот, архитектурата, кујната, културата и многу други области, посочи Ердоган.

Според турскиот претседател, иако немаат заедничка граница, Турција и Србија „се сметаат за соседи, а тајната е скриена токму во тие блиски врски“.

- Несомнено, соработката е неизбежна и поради геополитичката позиција на две земји. Заедничката историја носи и одредена чувствутелност и некои различни разбирања кои се однесуваат и за Турција и за Србија, пишува турскиот претседател.

Тој наведува дека Анкара не гледала и нема да гледа на тие разлики како на пречка за соработката со Белград.

- Во согласност со нашите заеднички цели ние се обидуваме да ги продолжиме билатералните односи преку конструктивен пристап и искрен дијалог, нагласува Ердоган.

Тој се осврнува и на трговско-економските односи меѓу двете земји, забележувајќи, дека пристигнувањето на „Халкбанк“ на српскиот пазар во 2015 година бил еден од факторите за зголемувањето на интересот на турските бизнисмени за Србија, кои и денес даваат работа на речиси 8.000 лица во земјата.

- Се надевам дека догодина нивниот број ќе биде двојно поголем, истакнува Ердоган.

Трговската размена меѓу двете земји е во пораст од 2010 година, а во 2016 година достигна речиси 790 милиони евра, посочи Ердоган, констатирајќи дека економскиот потенцијал на двете земји е значително над тоа ниво, изразувајќи надеж дека размената наскоро ќе надмине една милијарда евра.

- Освен трговијата и економијата, се развиваат и односите меѓу народите, особено туристичката размена меѓу двете земји. Денес Турција е една од најпосетуваните дестинации од страна на српските туристи, а се зголемува и бројот на турски туристи во Србија, наведе Ердоган.

Од друга страна, реонот на Санџак, област во југозапана Србија населена претежно со муслимани што Ердоган ќе ја посети утре, според него, е уште еден мост на пријателството меѓу Анкара и Белград.

- Тоа што српската Влада ја стимулира Турција да инвестира во Санџак е за пофалба. Тој чекор на српската администрација е важен, како за билатералните односи, така и за иднината на нашиот регион, истакна Ердоган.

Според него, како и многу региони во светот, така и Балканот е принуден секојдневно да се справува со нови предизвици и проблеми. - Ниту една земја не може да се бори сама со тоа, наведе турскиот претседател, додавајќи дека „клучот за успехот“ е зајакнувањето на соработката и солидарноста.

- Турција и Србија треба да ги искористат сите средства и механизми за постигнување на таа цел. Мислам дека оваа посета е клучен чекор во таа насока и јас сум многу задоволен што ја гледам истата волја и кај српското раководство, заклучи Ердоган.

Турскиот претседател допатува синоќа во дводневна официјална посета на Србија, а на аеродромот во Белград го пречекаа неговиот српски колега Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и членови на Владата на Србија.

Ердоган пристигна во Белград со голема делегација составена од 185 бизнисмени и осум турски министри.

Официјалните разговори на Ердоган почнуваат денеска со тет-а-тет средба со Вучиќ, по што тие ќе одржат заедничка прес-конференција.

Потоа следуваат средби на двете делегации и потпишување на неколку договори меѓу Србија и Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/10/2017 09:44