До 28 февруари следната година да се продолжи рокот за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица на Коридор 10, предлага Министерството за транспорт и врски.
За анексите на договорот за изградба и на договорот за надзор на изведбата ќе одлучува Владата на денешната седница. Ресорното Министерство бара да се разгледа предлогот и сегашниот рок - 1 ноември следниот месец да се продолжи за да може да се овозможи изградбата на контролниот центар и да се дислоцира далекуводот на автопатот, кои беа посочени како клучни пречки за завршување на автопатот.
Како што информираат од Министерството за транспорт и врски, продолжувањето на договорот нема да предизвика дополнителни финансиски импликации.
Инвестицијата во автопатот во должина од 28 километри изнесува 218 милиони евра. Изградбата почна во септември 2012 година. Со него се заокружува со целосно автопатско решение Коридорот 10 на територијата на Македонија.