Кинеската Суперлига соопшти дека во последните првенствени кола на натпреварите правдата ќе ја делат судии од странство, со што во одлучувачките дуели би се подигнал квалитетот на одлуките на арбитрите.

До крајот на кинеската Суперлига остануваат уште четири кола, а познато е дека судија на утрешниот натпревар меѓу Тијанџин Кванџијан и Шендонг Луненг ќе биде Швеѓанецот Јонас Ериксон, додека Французинот Тони Шарпон ќе дели правда на натпреварот меѓу Шангај Шенхуа и Тијанџин Теда еден ден подоцна.

„За да може завршницата на првенството да протече во најдобар ред, од 27-мото коло, па сè до крајот Фудбалскиот сојуз на Кина ќе повикува судии од Европа и од Америка да бидат арбитри на најважните натпревари“, стои во соопштението на Фудбалскиот сојуз на Кина, каде што уште се наведува дека е важно да се подигнат стандардот и прецизноста во судењето, како и дека така ќе се работи на едукација на домашните судии.

Професионалната лига во Кина постои од 1994 година и оттогаш во повеќе наврати елитниот фудбалски ранг го потресуваа судиски скандали.

Познатиот судија Лу Јун во 2012 година беше приведен поради примање мито, што е само еден од сличните примери.

Во кинеската Суперлига оваа сезона им се изречени и многубројни казни на фудбалерите и на тренерите поради разни прекршоци на и надвор од теренот, додека Тијанџин Теда и Тијанџин Кванџијан се под истрага поради наводно местење на натпреварот во септември.

Се наведува и дека се планира воведување на системот ВАР, односно видеоасистенти најдоцна до крајот на оваа сезона, додека оваа технологија ќе се применува во текот на целата наредна сезона.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2017 11:07