Со концерт на камерниот хор „Света Злата Мегленска“ на 16 октомври во Музејот на Град Скопје ќе биде отворено 11-то издани на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија.

Претседателот на СМУМ Љубиша Кировски, на денешната прес-конференција рече дека „Златна лира“ е единствен фестивал што приоритет и печат се става на македонските репродуктивни музички уметници, а годинава приоритет имаат нашите млади уметници.

– Другите фестивали од областа на класичната музика што се одржуваат во Македонија и не ставаат толкав приоритет на македонските уметници, така што ние сме единствени од овој вид во земјата. Мислиме дека заслужуваме поголема поддршка од државата, бидејќи има неверојатно добри кадри што постојано растат и творат во Македонија и треба да имаат простор каде што ќе се претстават, изјави Кировски.

На програмата на 18 октомври се македонските млади уметници Анастасија Грговска-виолина и Бојан Илковски-пијано, на 21 концерт ќе одржи интернационалниот состав Линда Хедлунд-виолина и Доменико Дел Гуидиче-гитара, на 24 концерт на Скопскиот дувачки квинтет, на 25 рецитал на младата пијанистка Мимоза Кеќа, а на затворањето на фестивалот на 26 октомври ќе настапат Момчило Куфојанакис-виолина и Весна Ангелова-пијано.

На фестивалот ќе бидат врачени и наградите на „Златна лира“ на Страшо Темков за едногодишни успешни настапи и на сопранката Марија Наумовска Муратовска за животно дело.

Прашани каква е поддршката и соработката со државата, од СМУМ посочија дека очекуваат нешто да се смени и досегашнниот начин на финансирање на фестивали на поп и народна музика со енормни суми да престане и вистинската уметност да излезе на површина.

– Сакаме и отворени сме за дијалог, а досега не сме повикани од министерот. Имаме многу идеи, сугестии и работи да му кажеме и објасниме, зошто ние сме тие компетентните да кажеме што се случува, на кое место се музичарите и што треба да се направи. Се надеваме дека по 73 години постоење во Македонија ќе добиеме една канцеларија во новата Филхармонија, изјави Кировски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2017 13:23