Извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Александар Зарков и официјалниот претставник на Стопанската комора за претприемачи на мали и средни претпријатија од Украина Олександр Урбановиќ потпишаа Меморандум за соработка.

– Целта на Меморандумот за соработка меѓу двете комори е проширување и продлабочување на трговско-економските врски и воспоставување директни врски меѓу претприемачите од двете комори. Согласно меморандумот, двете страни во комуникација со амбасадите, ресорните министерства, институции за истражување и наука, државни и јавни организации ќе работат на проширување на соработката меѓу претприемачите од двете земји во насока на создавање поволни услови за нивна соработка и учество во проектни активности, информира ССК.

Меморандумот, како што се наведува, е потпишан во амбасадата на Украина во Република Македонија во присуство на амбасадорот Ростислав Палагусинец, кој ја потенцирал иницијативата за преземање дополнителни мерки за олеснување на трговијата меѓу бизнисмените од двете држави поврзани со Спогодбата за слободна трговија.

Трговската размена меѓу двете држави на годишно ниво изнесува околу 60 милиони евра. Преработки на железо, метал и електрични акумулатори го креираат најголемиот дел од извозот. Потенцијали за зголемување на соработката има и во автомобилскиот сектор, медицина, градежништво, енергетика.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/10/2017 13:24