Македонската економија во текот на следната година ќе забележи повисока стапка на раст, а позитивни сигнали се забележуваат уште сега на меѓународните пазари на капитал, на кои котираат старите еврообврзници што ги издаде земјава, пишува Блумберг пренесувајќи го интервјуто со министерот за финансии Драган Тевдовски. Според реномираната агенција, со формирање на владата на премиерот Зоран Заев, пред четири месеци, се заврши двегодишната политичка криза која ги забавуваше инвестициите, што ќе влијае позитивно на економијата за која се очекува следната година да оствари раст повисок од три отсто. Растот на бруто домашниот производ ќе забрза придвижен од приватната потрошувачка и извоз, истакна за Блумберг министерот за финансии Тевдовски. -Со завршување на политичката криза веќе гледаме одредено зголемување на економската активност, која ќе се интензивира следната година, вели Тевдовски. Блумберг понатаму забележува дека на меѓународните пазари на капитал веќе се гледаат позитивни движења за македонската економија, бидејќи паѓа цената за тргување со издадените меѓународни обврзници од претходната влада, што значи дека довербата на инвеститорите во македонската економија расте. - Приносот од обврзниците деноминирани во евро валута, кои доспеваат во јули 2023 година, се намали за два базни поена на најниските досега 3,2 проценти, пишува Блумберг. Како што најавува Тевдовски за Блумберг, Владата планира да го намали буџетскиот дефицит за 2018 година под 2,9 отсто од БДП, колку што изнесува оваа година и една од опциите е да издаде меѓународна обврзница на глобалниот пазар. -Одлучни сме дефицитот следната година да биде незначително помал од оваа година, во согласност со нашата намера за постепена фискална консолидација. Што се однесува до 2018 година, издавање меѓународна обврзница е исто така опција, имајќи ги предвид поволните услови на меѓународниот пазар, вели Тевдовски. Блумберг натаму пишува дека формирањето на владината коалиција во јуни, со што се случи прва промена на владата по повеќе од една декада, ветува заживување на напорите на земјата за прием во Европската Унија и во НАТО, откако скандалот со прислушувањето во 2015 година ја симнал од власт претходната влада. Владеачката коалиција ја потврди својата власт и на локалните избори, пишува агенцијата. Социјалдемократите победија во 54 од 81 општина вклучувајќи го и градот Скопје, пред вториот круг на избори. -Постигнавме значителен напредок во смисла на политичка стабилност. Исто така, остварено е завидно подобрување кај социјалната кохезија и меѓуетничките односи, вели за Блумберг Тевдовски, кој додава дека најголемиот предизвик за Македонија е успешното спроведување сеопфатни реформи, вклучувајќи борба против корупцијата и подобрување на владеењето на правото според стандардите на ЕУ. Владата планира да ја промени својата политика кон спроведување поголема социјална правда и ќе го замени постојниот рамен данок од 10 отсто за персонален данок на доход и данок на доход на претпријатија со прогресивна стапка, вели Тевдовски за Блумберг. Тој смета дека стапката на инфлација следната година ќе биде 1,7 проценти, со што ќе се зголеми од 1 отсто колку што е проектирано за 2017 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2017 12:59