Српската премиерка Ана Брнабиќ вечерва изјави дека „Lex Agrokor“ – Законот според кој хрватската Влада воведе привремена управа во „Агрокор“, нема да се применува во Србија, каде што работат неколку компании од тој концерн.

Брнабиќ наведе дека на денешната средба со повереникот на хрватската Влада за „Агрокор“, Анте Рамљак во Белград разговарале како компаниите на „Агрокор“ во Србија да работат стабилно и безбедно.

– Разговаравме за тоа како кризата на „Агрокор“ што помалку да се прелие во Србија, истакна Брнабиќ.

Таа додаде дека разговорите со претставниците на принудната управа во „Агрокор“ се редовна практика.

На средбата, покрај Брнабиќ, присуствувале министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ и претставници на компаниите на „Агрокор“.

Неодамна, принудниот застапник на „Агрокор“ до стопанските судови во Белград и во Зрењанин поднесе барање компаниите кои работат во рамките на „Агрокор“ во Србија да бидат опфатени со Законот „Lex Agrokor“. Тоа би значело дека средствата на овие компании би можело да се користат во странство, што стопански судови го одбија.

Во Србија, во рамките на „Агрокор“ стопанисуваат – „Фриком“, „Дијамант“, „Меркатор“, „Кикиндска мелница“, „МГ Мивел“, „Нова Слога“ и „Супер картичка“, во кои се вработени околу 11.000 луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2017 09:45