Првиот човек на „Агрокор“ Ивица Тодориќ се огласи на својот блог откако вчера Судот во Загреб му одреди мерка притвор во негово отсуство, додека останатите 12 лица кои се осомничени беа пуштени да се бранат од слобода.

Тодориќ преку неговиот блог им се извини на сите што трпат тортура заради него.

– Политичкото самоволие и стави крај на правната држава со одлуката за отфрлање на барањето за одредување притвор за раководителите на „Агрокор“ во завчерашната претстава. Им се извинувам на сите чесни луѓе, кои поради политичкиот прогон кон мене, мораа да ја преживеат оваа срамна тортура, напиша тој синоќа на неговиот блог.

Тодориќ додава дека нема да прекине да се бори за сите нив, за вистината која, како што вели, ќе ја „разобличи оваа монтирана политичка кампања и сите нејзини актери”.

Тој, исто така, тврди дека апсењата, кои според него, биле договорени на состанокот во саботата во кабинетот на премиерот Андреј Пленковиќ, на кои присуствувале министрите Божиновиќ и Далиќ и претседателот на парламентот, Јандроковиќ, сега и правно станаа потсмев за правна држава и изразувањето на политичко самоволие, како и продолжување на политичкото насилство, за да се скрие сопствениот криминал, кој го донел неуставниот „Лекс Агрокор“.

Тодориќ вчера не се појави во судот, но преку негови претставници најави дека во текот на неделава ќе дојде во Хрватска од странство. И неговите синови, Иван и Анте, кои по исто така трага истражниот суд, не се појавија на рочиштето. Се претпоставува дека целото семејство Тодориќ се наоѓа во Велика Британија.

Судот заклучи дека Тодориќ треба да биде притворен поради опасноста да го попречи судскиот процес и да влијае врз сведоците, и дека поради тоа треба да му се изрече мерка притвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2017 14:59