Државите кои сакаат да влезат во ЕУ мора јасно да ја покажат таа одлука. Не може да седите истовремено на две столчиња, изјави денеска во Белград заменик помошникот на американскиот државен секретар Хојт Брајан Ји.

Тој во пресрет на утрешните разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ, на Српскиот економски самит вечерва објасни дека Србија мора да испрати јасна порака дека сака да биде членка на Европска унија, „а не да балансира меѓу две страни“.

- Државите треба да изберат страна, без разлика на тоа колку е тоа тешко. Важно е земјата да направи стратешки избор, така да тоа биде дел од официјалната политика, како што тоа го направи Хрватска, која членството во ЕУ го стави над се или Црна Гора во однос на НАТО. Важни се вредностите, важно е делата да бидат посилни од зборовите, да испраќаат јасна порака, посочи Ји.

Тој, осврнувајачи се на состојбата во Западниот Балкан, истакна дека САД сакаат овие земји да бидат стабилни за да не предизвикуваат проблеми подоцна.

- Сé додека постојат нерешени спорови постои ризик од конфликти. Сепак, општиот тренд кон мирот и стабилноста е позитивен, додаде американскиот дипломат.

Според него, руската визија за Балканот се разликува од европската.

- Врз основа на активностите на Русија во регионот, се чини дека таа сака Балканот да остане слаб и поделен, а не силен и подобро интегриран во ЕУ, изјави Ји.

Тој додаде дека Александар Вучиќ, како претседател и премиер, јасно укажал што е целта на Србија, но и дека сака добри односи со Русија.

- Не е многу јасно како тој ова ќе го избалансира, посочи Ји, наведувајќи дека ставот на САД е дека ќе соработува секаде каде што е можно, а каде тоа не е можно, ќе ги брани своите интереси и интересите на партнерите.

Ји верува дека проектот на ЕУ нема да биде комплетен без Западниот Балкан.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 00:32