Српскиот министер за одбрана Александар Вулин рече дека изјавата на заменикот помошник државен секретар на САД, Хојт Брајан Ји е досега „најтежок јавен и многу недипломатски притисок врз Србија“ и нејзиното право самостојно да одлучува.
– Не знам каква ќе биде позицијата и одговорот на претседателот Вучиќ, но сигурен сум дека ќе умее да се избори со притисоците, како што умееше и досега, изјави Вулин за Танјуг.
Ји во Белрад изјави дека не може да се седи на две столчиња во исто време, наведувајќи дека земја како што е Србија, која сака да стане членка на ЕУ, мора да испрати многу јасна порака, а не да балансира меѓу две страни.
Тој рече и дека САД „не разбираат зошто персоналот на рускиот хуманитарен центар треба да добие дипломатски идентитет“.
Вулин истакна дека ова не е изјава на пријател.
– Ова не е изјава на човек кој ја почитува Србија, кој ја почитува нашата политика, кој го почитува нашето право да одлучуваме, истакна Вулин.
Тој додаде дека Србија своите одлуки ќе ги носи сама, без оглед на тоа колку се големи оние кои сметаат дека можат да одлучуваат наместо Србија.
Шефицата на преговарачкиот тим на Србија за членство во ЕУ, Тања Мишчевиќ смета дека изјавата на Ји е погрешно протолкувана и извадена од контекст.
– Хојт Ји рече дека нему му е целосно јасно која е определбата на Србија и оти тоа е членство на Србија во ЕУ, а дека САД се партнер на тој пат, рече Мишчевиќ.