Македонските вина се промовираат на пазарите во Данска со посебен акцент на сортата „вранец“ како најголем репрезент на македонската винарска индустрија.

Промотивните настани се одржуваа вчера и денеска во Копенхаген каде винарските визби Тиквеш, Стоби, Далвина, Бовин, Камник, Попов и Попова кула ги презентираа своите производи пред дистрибутери, увозници, ХОРЕКА и професионални купувачи на вино. Во рамки на промоциите се одржаа и две мастерклас презентации коишто ги водеше винскиот критичар и судија Дарел Џозеф.

Настаните ги организира македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопаство во соработка со здружението „Вина од Македонија“. Финансиски промоциите се поддржани од Министерството за земјоделство преку Програмата за поддршка на руралиот развој за 2017 година.

– Данскиот пазар е еден од најпотенцијалните пазари за извоз на македонското флаширано вино, каде извозот секоја година бележи пораст и токму поддршката и организацијата на овие промотивни настани даваат позитивни резултати во делот на градење на брендот и имиџот на македонското вино, велат од здружението „Вина од Македонија“.

Минатиот месец, македонските вина беа промовирани во САД на три настани во Њу Џерси, Мајами и Нејплс.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 12:34