Можностите за изградба на нова интерконективна врска меѓу Македонија и Бугарија на полето за природен гас, вклучувајќи ги техничките, финансиските и регулаторните аспекти на градење на оваа нова врска било тема на првиот состанок на работната група меѓу македонските и бугарските делегации во рамки на Меморандумот за соработка во областа на природниот гас.

Првиот состанок на работната група, како што соопшти Министерството за економија се одржал во Софија за време на официјалната посета на министерот за економија Крешник Бектеши, а Меморандумот за соработа во областа на природниот гас беше потпишан на 1 август оваа година во Скопје.

За време на посетата минситерот Бектеши се сретна со министерката за енергетика Теменужка Петкова. На средбата станало збор за соработката меѓу Бугарија и Македонија во областа на енергетиката, безбедноста на снабдувањето со енергија, диверзификацијата на енергетските извори, како и важноста на новите интерконекциски врски и регионалната соработка.

Како што информираат од Кабинетот на Бектеши, посебен акцент за време на состанокот бил даден на преземањето на претседателството со Советот на Европската унија од страна на Бугарија од 1 јануари 2018 година, со фокус Западен Балкан, при што бугарската страна изразила подготвеност да ја поддржи Македонија во инфраструктурните инвестиции во областа на енергијата и нејзиниот пат кон интеграција во структурите на ЕУ.

Според бугарската министерката за енергетика, за балканскиот регион голем проблем е недоволната инфраструктура, а Бугарија активно работи на надминување на овој недостаток.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 13:05