Ликвидноста на банкарскиот сектор во вториот квартал од годинава е на задоволително ниво. Вкупната актива е зголемена за 0,6 проценти, а депозитите минимално се зголемени на квартална основа.
Забележан е побрз раст на денарските во споредба со девизните депозити на домаќинствата што е сигнал за постепено враќање на довербата и обновување на процесот на денаризација на депозитите, кој речиси запре во вториот квартал лани под влијание на домашните политички случувања.
Во денешното соопштение од Советот на Народна банка се наведува дека квалитетот на кредитното портфолио забележува благо влошување во овој квартал. Вкупните нефункционални кредити на банкарскиот систем се зголемени за 8,1 проценти. Зголемувањето на учеството на нефункционалните во вкупните кредити е концентрирано кај корпоративното кредитно портфолио, каде учеството е искачено до ниво од 10,6 проценти, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата е на исто ниво од 2,5 проценти. Од НБРМ истакнуваат дека во последните пет квартали се забележува континуиран раст на нефункционалните кредити.
Банкарскиот систем во вториот квартал остварил високо ниво на стабилност со тенденција на раст. Банките искористиле еден дел од ликвидните средства за позасилена кредитна активност, па така кредитите на нефинансиските субјекти бележат раст од 2,2 проценти како резултат на долгорочните кредити одобрени на домаќинствата.
– Показателите за профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем бележат натамошни подобрувања и се на солидно ниво. Сепак, добивката на банкараскиот систем во тековната година го забавува растот во споредба со истиот период од 2016 година, наведуваат од Народна банка и додаваат дека банките и понатаму испорачуваат високи стапки на поврат на просечниот капитал и на просечната актива од 12,7 на 1,4 проценти.
На денешната седница на Советот на НБРМ усвоена е одлуката за издавање и пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели од серијата „хороскопски знаци“ со името „јарец“. Кованата пара е со апоен од 100 денари и е изработена во количина од 7000 парчиња.