Данската тенисерка Каролине Возниацки триумфираше на „ВТА финалето“ што се играше во Сингапур. Таа во финалето на завршниот турнир кај жените ја совлада Венус Вилијамс со 2-0 во сетови (6:4 и 6:4 во гемови) за еден час и 29 минути игра.
Ова за Возниацки е прв триумф на овој турнир откако финалистка беше и во 2010 година. Нејзината ривалка во финалето Венус Вилијамс остана со една титула од 2008 година и ова и беше втор пораз во финалето по 2009 година.
Во конкуренција на двојки победија Тимеа Бабош од Унгарија и Андреа Хлавачкова од Чешка, кои беа подобри од Кики Бертенс од Холандија и Јохана Ларсон од Шведска. Првиот сет со 6:4 го добија Бертенс и Ларсон, а во вториот со истиот резултат беа подобри Бабош и Хлавачкова. Во решавачкиот сет победничките беа поуспешни со 10:5 на поени.
Турнирот се играше за награден фонд од 7 милиони долари.