Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, ја освои четвртата шампионска титула во Формула 1 откако го зазеде деветтото место во трката за Големата награда на Мексико, во која победи Макс Ферстапен од Ред Бул.
Хамилтон пред трката имаше 66 бода предност и за титулата му беше потребно да се пласира меѓу првите пет, без оглед на резултатот на ривалот Себастијан Фетел од Ферари, или да ја заземе која било позиција, а Фетел да не биде меѓу првите двајца.
Во првиот круг Фетел удри во Хамилтон, двајцата отидоа во боксот, каде што Британецот се задржа подолго, па возеше од последното место, а неговиот ривал беше неколку позиции пред него.
Хамилтон на крајот се пласира на деветтото место, Фетел на четвртото, што на Британецот му беше доволно за титулата.
На две трки пред крајот, Хамилтон има недостижни 56 бодови повеќе од Фетел, со оглед на тоа дека за победа се добиваат 25 бодови.
Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул, победи во Мексико и ја оствари втората победа во сезонава, а трета во кариерата.
На второто место се пласира Валтери Ботас од Мерцедес, а трет беше Кими Раиконен, возачот на Ферари.
Наредната трка во шампионатот се вози на десетти ноември за Големата награда на Бразил.