Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ истакна дека, Србија оценува оти едностраното прогласување независност на Каталонија нема никаво правно дејство и укажува на тоа дека постои сличност со едностраниот акт на Косово.

– Србија го поддржува територијалниот интегритет, суверенитетот и тој акт не се во согласност со шпанскиот Устав. За разлика од тоа како другите земји реагираа на едностраното прогласување на незавиноста на Косово, Србија е принципиелна и исто така не прифаќа какви било унилатерални акти каде било во светот, вклучително и за Каталонија. Нашата позиција е целосно јасна, нагласи Дачиќ.

Српскиот министер за надворешни работи наведе дека, сличноста меѓу Каталонија и Косово постои во една основна работа – дека станува збор за едностран чекор, унилатерално прогласување на независност.

– Патот на Косово и Каталонија е еден и ист, проблемот е во тоа што во тој случај големите сили не ја поддржуваат Каталонија, а во случајот со Косово имаа друг интерес. Наместо светот да се базира на тоа што сакаат или не сакаат големите сили, треба да се основа на меѓународното право, истакна Дачиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 17:11