Две лица се повредени откако утрово возач намерно се залетал со автомобилот во пешачката зона на Кнез Михајлова во Белград.
Како што соопштија властите, две лица се повредени и избегната е поголема трагедија. Повредени се возачот на возилото „Форд караван“ и вработена во локалот, на која што автомобилот ѝ поминал преку ногата.
Таа била пренесена и ѝ била укажана лекарска помош во Ургентниот центар, по што ја вратиле на местото на инцидентот за да даде изјава, за после повторно да ја однесат во Ургентен.
– Мажот изгубил контрола над воланот и удрил во девојка која во тој момент се нашла на улицата, а повреден е и возачот. И двајцата се превезени во Ургентиот центар, рекоа од Итната помош.
Според српските медиуми, возачот на автомобилот бил во алкохолизирана состојба и му биле измерени 1,3 промили алкохол во крвта.
Неофицијално, тој намерно влегол на пешачката зона, но удрил во столб пред да предизвика уште поголема материјална штета и да повреди други лица.
Очевидци кажуваат дека претходно возачот бил тепан и малтретиран од страна на пет лица и дека на пешачката патека се упатил со цел да ги прегази нив.