Генералниот директор на нафтената компанија „Росњефт“ Игор Сечин изјави дека Хрватска го зазема централното место во нивната стратегија за регионален развој.

Тој додаде и дека се разгледува можноста за влез во сопственичката структура на ИНА.

Сечин објасни дека за Хрватска постои интерес од повеќе причини – од стратешките вредности на имотот на ИНА до локацијата на нафтените терминали преку кои руската компанија може да тргува со своите производи во опкружувањето.

– Се тоа може да биде основа за создавање центар за трговија насочен кон пазарот на Медитеранот и во централниот дел на Европа, истакна Сечин во интервју за весникот „Јутарњи лист“.

Првиот човек на „Росњефт“ нагласи дена не е запознат со фактот дека хрватската Влада веќе неколку пати изразила надеж за модернизација на рафинериите, меѓутоа унгарскиот МОЛ, како најголем акционер во ИНА, најавил планови за затворање на постројките во Сисак, тврдејќи дека производството наводно е неисплатливо, а бројот на работниците е голем.

– Ако „Росњефт“ влезе во сопственичката структура на ИНА, постројките на компанијата ќе бидат модернизирани и ќе можат да се произведуваат нафтени деривати во рамки на пазарната рентабилност, изјави Сечин.

Одговарајќи на прашањето врз што ги темели своите прогнози дека рафинериите на ИНА можат да бидат конкурентни, тој додаде дека забележува оти намалувањето на цената на нафтата не овозможило пад на цените на нафтените деривати во Европа, бидејќи поевтинувањето на суровините било компензирано со зголемување на акцизите.

– Во тој контекст рафинериите на Медитеранот имаат значаен потенцијал, благодарејќи на предноста во логистиката, оцени Сечин, додавајќи дека поради тоа ја разгледуваат можноста за јакнење на своето присуство на тоа подрачје.

Сечин вели дека „преку создавање на интегриран синџир производство-преработка-продажба, сакаме да допреме до крајниот потрошувач. Тоа може да го оствариме во Хрватска и затоа сум сигурен дека постои потенцијал за развој и дека ќе успееме да изградиме стратешко партнерство со хрватската Влада во ИНА“



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 17:57