Директорот на Албанската тајна служба (ШИШ) Вишо Ајази Лика поднесе оставка, објавија денеска албанските медиуми.

На местото на Лика е именуван досегашниот заменик шеф на ШИШ, Хелидон Бендо.

Албанските медиуми наведуваат дека Лика оставката ја поднел во петокот, а неговиот наследник е именуван по средбата на премиерот Еди Рама со претседателот на Парламентот, Или Мета.

Оставката на Лика поттикна шпекулации, превенствено во редовите на опозицијата. Лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша наведе дека „постои можност“ оставката на Лика да е поради политички притисок, со цел да се намалат последиците од скандалот со вмешаноста на поранешниот министер на полицијата Сеимир Тахири во шверцот со дрога.

– Мислам дека сите работат да ја скријат аферата Тахири… Светот нема да дозволи Албанија повторно да стане мафијашка држава. Ова прашање само што се отвори, посочи Баша.

Оставката на Лика уследи една недела откако во Тирана изби скандалот со Тахири, кој е осомничен дека бил дел од мрежата за шверц на дрога од Албанија во Италија.

Италијанската полиција и достави на Тирана околу 400 страници транскрипти од прислушувани разговори, во кои Тахири се спомнува како лице, чие кампања ја финансираа мафијашите. Тахири негира каква било вмешаност.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2017 16:19