Повеќепати кажав дека ова ми е последниот мандат, вели српскиот претседател Александар Вучиќ во интервјуто што вчера го даде за српската телевизија „Пинк“, зборувајќи за неговите политички непријатели.

Тој првин ја разчисти дилемата околу оценките на факултетот, која стана актуелна откако шефот на пратеничката група на Српска напредна странка, Александар Мартиновиќ, во српското Собрание ги донесе индексот и фотокопија од дипломата на Вучиќ и рече дека претседателот на Србија го завршил Правниот факултет со просечна оценка 9,44 и ги повика претставниците на опозицијата да ги покажат своите индекси.

Во интервјуто за „Пинк“, Вучиќ вели дека претставниците на опозицијата уште не го сториле тоа.

– Во опозицијата сите се лоши студенти, а се претставуваат како „кремот“ на оваа држава. Своите шестки ги споредуваат со моите десетки. Шутановац, Божовиќ, Јанковиќ и Ѓилас биле никакви студенти, а се претставуваат како елита. Две или три години слушавме дека некои се образовани и паметни, а другите глупави. Се трудат да го имитираат Ѓинѓиќ, а тие се од него далеку со милји – рече Вучиќ.

Тој откри и дека кога биле демонстрациите во 1991 година, тој бил единствен што отишол да полага испит, а демонстрациите не го интересирале бидејќи „не бил по политиката“.

Во синоќешното интервју за српската телевизија „Пинк“, на кое беа присутни и новинар од „Политика“ и директорката на новинската агенција „Танјуг“, Вучиќ рече дека е факт оти сè е насочено против него, сите критики и грди зборови му се нему наменети, а секој што ќе се осмели да го брани, мора да мине низ „топол зајак“ (ритуал за „добредојде“ на новите затвореници, кои од старите биле плукани, удирани и навредувани).

– Не постои ниту еден човек, кој би покажал каква било човечка лојалност кон мене, а да не минал низ „топол зајак“. Секоја приврзаност кон мене така се казнува – изјави српскиот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 01:41