Банките се подготвени и имаат желба да го кредитираат стопанството затоа што тоа носи додадена вредност на економијата и за секој добар проект ќе најдат начин за да добие поддршка.

Ова го изјави претседателот на УО на НЛБ Банка Антонио Аргир запрашан како би одговориле банките на вчерашниот упатен повик на Денот на штедењето од министерот за финансии, Драган Тевдовски, банките посилно да го поддржат стопанството.

– Наша главна цел е да ги поддржиме нашите клиенти, физички и правни лица. и правиме напори, особено годинава, апсолутно да најдеме добри клиенти, добри проекти и да ги поддржиме. Подготвени сме и со знаење и со капацитет и со продукти и со услови да го поддржиме стопантвото и секој добар проект, како и досега, изјави Аргир.

Тој потенцира дека ќе се фокусираат повеќе на наоѓањето можности за пласман и поддршка на проектите од стопанството.

– Има добри проекти и ние ги поддржуваме и финансираме. Можеби не е во оној обем во кој ние сакаме. Ние во долгорочната стратегија имаме предвидено раст на кредитирањето на правните лица од шест-седум проценти и тоа е желба да растеме и секако ќе најдеме начин да растеме и да ги најдеме тие добри проекти и да им помогнеме на нашите клиенти, рече Аргир.

Според него, сите треба да најдат начин тој инвестициски циклус да заврти и отпочне.

– Ние имавме години кога имаше раст на банкарскиот сектор од 10 и 20 проценти, така што подотвени сме и желни да го кредитираме стопанството затоа што тоа носи додадена вредност на економијата, истакна тој, додавајќи дека наоѓањето добри проекти за кредитирање ќе го намали вишокот на нивната ликвидност, што се пласира во државни записи.

Посочи дека каматната стапка по која се одобруваат кредитите за добри проекти и на добри фирми е и од три проценти.

– Поради тоа што нема доволно проекти и фирми кои бараат кредити банките годинава се под голем притисок на конкуренција и каматите одат надолу. Добрите проекти на добрите компании добиваат кредити со камата од три проценти, што е под каматата на благајничките записи, појасни Аргир.

Како што МИА вчера објави, министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека штедењето е најевтиниот извор за финансирање на домашната економија и ги охрабри банките да ги поддржат домашните компании во нивните инвестициски активности.

– Капиталот од странство е поскап, понедостапен и многу често понестабилен. Добро е што со завршување на кризата има раст на депозитите од околу шест проценти и очекувам во наредниот период да се остварат повисоки стапки на депозитите, изјави вчера Тевдовски.

Според податоците на Народната банка на Република Македонија, кредитите на корпоративниот сектор во текот на септември забележаа намалување од 1,2 проценти. Споредено на годишно ниво, состојбата на кредитите одобрени на корпоративниот сектор е пониска за 0,5 отсто, во услови на пад на девизното кредитирање, наспроти годишниот раст кај денарското кредитирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 17:58