Уставниот суд од 1992 година, кога е донесен Деловникот за негова работа досега одржал само пет јавни расправи по барања за заштита на човековите права и слободи, иако јавната расправа е задолжителна за донесување одлуки во вакви предмети, согласно деловничките правила.

Ова се заклучоците од анализата „Видливоста на Уставниот суд на Република Македонија при носење одлуки со посебен фокус кога одлучува за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот“, изготвена од Центарот за правни истражувања и анализи, во рамки на четиримесечниот проект, поддржан од Цивика мобилитас.

Во периодот од октомври 1992 заклучно со 31 јули 2017 година се одржале вкупно пет јавни расправи, што споредбено со бројките на годишните извештаи на Судот за тоа по колку вкупно барања поставувал Судот, значи дека само во 3,8 отсто тој одржал јавна расправа. Првата јавна расправа е одржана во 2007 година

– Во најголем број случаи на барања за заштита на човековите слободи и права не се одлучувало по јавна расправа, која е мошне важна затоа што на неа може да се утврди фактичката состојба. Судот најголемиот број вакви одлуки ги носел без јавна расправа, изјави Александра Цветановска, правен истражувач, која работеше на анализата.

Во анализата се наведува дека во периодот од 2007 до 2016 година Судот одлучувал по 132 вакви барања, од кои 16 биле одбиени, а само по едно барање утврдил повреда во 2010 година и за истиот тој предмет одржал јавна расправа.

Уставен е должен согласно Деловник да одржува јавни расправи, кога одлучува по барања за заштита на човековите права и слободи, односно по барања согласно Уставот, член 110, алинеа три.

Јавната расправа подразбира повикување на странките во постапката, на народниот правобранител и присуство на експерти.

Цветановска во овој контекст ја спомена пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Селмани и други против РМ, во која меѓу другото се утврдува дека Уставен не одржал јавна расправа по барање на Селмани и други за заштита на слободите и правата.

Барањето до ЕСЧП беше поднесено од шест апликанти Насер Селмани, Тони Ангеловски, Билјана Дамеска, Фросина Факова, Снежана Лупевска и Наташа Стојановска, акредитирани новинари -репортери од Собранието на РМ, а во врска со собраниските настани од 24 декември 2012 година.

Со оваа пресуда првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, која слобода е заштитена со членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според ЕСЧП оваа повреда настанала како последица на отстранувањето на апликантите од собраниската галерија од страна на собраниската служба за обезбедување.

Истовремено ЕСЧП констатира и повреда на правото на правично судење од членот шест од Конвенцијата поради неодржувањето на усна расправа пред Уставниот суд.

Истражувањето на Центарот било презентирано пред уставните судии за потоа да се најдат заклучоци, став по ова прашање и да се изготват препораки за подобрување, најпрво на видливоста на Уставен, а потоа и да се зголеми одржувањето јавни расправи.

Согласно членот 50 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата, утвредени со Уставот, пред судовите и пред Уставен суд во постапкла заснована врз начелата на приоритет и итност.

Заклучок од анализата е и дека граѓаните не се доволно запознати со условите кога може да се бара заштита на слободите и правата, како и со правната природа на одлуките на Уставен, што како последица има голем број отфрлени барања. Забележан е и тренд на намалување на барањата доставени до Уставен во 2011, 2012 и 2013 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2017 22:13