Македонија најбрзо од земјите-кандидати за членство во Европската унија ќе ги исполни критериумите за влез, во 2023 година. Србија и Турција тоа ќе го сторат нешто по 2030 година, а Албанија и Босна и Херцеговина критериумите нема да ги исполнат пред 2050 година.

Ова се резултатите од истражувањето, кое го спроведоа професорката по компаративно политика на Школата за економски и политички науки на Универзитетот Сент Гален во Швајцарија, Тина Фрејбург и Тобиас Бохмелт, професор од Универзитетот во Есекс.

Тие изработија студија за капацитетот на земјите-кандидатки да станат членки на Унијата, користејќи модел за прогнозирање за идното проширување на ЕУ.

Во студијата беше разгледан капацитетот на кандидатите да бидат комплементарни со масовниот ЕУ аки (aquis communautaire), во кој се содржани примарните услови за текот на преговорите и конечното обезбедување на членството.

Истражувачите за прогнозата како репер ја зедоа рундата проширување од 2004 година, а резултатите покажаа дека само една земја од сегашните и потенцијалните кандидати целосно ќе ги исполни критериумите за влез во Унијата, Македонија и тоа 2023 година.

Црна Гора и покрај тоа што се смета за земја од Западен Балкан со најголеми шанси за брз влез, не беше вклучена во анализата, поради недостиг на податоци.

Последната земја, која се приклучи кон Европската унија беше Хрватска, во 2013 година. По неколкугодишното отсуство од агендата за проширување, Западен Балкан повторно е во фокусот, пред се поради бегалската криза, но и како одговор на зголемениот интерес на Русија за овој дел од светот.

И додека Русија постојано се обидува да создаде слика дека може да понуди алтернатива за евроатлантската интеграција, ЕУ претходно оваа година ја реафирмираше својата заложба за проширување кон Западен Балкан со шест земји, на кои ќе им помогне да ги исполнат економските и политичките барања за влез.

Германската Влада го зајакна Берлинскиот процес, познат како Берлин плус или Мини Маршалов план, со цел на регионот да му се даде економски поттик, но и да му се компензира за долгото чекање за членство во ЕУ.

Истражувачите велат дека и покрај тоа што патот до ЕУ е еден зацртан строг бирократски однапред познат процес во однос на правилата, кои треба да се почитуваат, сепак тој е отворен за најразличен вид влијанија, кои можат да го сменат тајмингот на кандидадите од Западен Балкан во однос на нивниот прогрес.

Факторите, кои може да доведат до забрзување на процесот, според нив може да дојдат во форма на политички промени, како неодамнешниот трансфер на моќта во рацете на проевропската Влада во Македонија.

Од друга страна на пример влошувањето на состојбата на демократските институции во Турција може да предизвика замрзнување на процесот на проширување на неколку години.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2017 23:06