Кон крајот на ноември се очекува иницијатива на медијаторот Метју Нимиц за името на Македонија, со цел двете земји да се договорат, да се повлече грчкото вето и Македонија да стане членка на НАТО на Самитот на Алијансата во јули следната година.
Ова го пишува грчкиот весник „Реал Њуз“, наведувајќи дека „големата победа на коалицијата предводена од Зоран Заев на локалните избори во Македонија донесе оптимизам во меѓународната заедница за решение на спорот, додека грчката Влада очекува потези на ’добра волја’ од соседната земја, како што се преименување на скопскиот аеродром ’Александар Велики’ или отстранување на споменици и статуи кои поттикнуваат иредентизам“.
Во меѓувреме, продолжува работата на Мерките за градење доверба меѓу двете земји, особено за граничниот премин кај Преспа, како и организација на културни настани во регионот, додава весникот.
Во исто време, и „Ризоспастис“ пишува дека „од сите страни доаѓаат извештаи за обновување на преговорите за името на Македонија“. Според весникот, целта е да се отвори пат Македонија да влезе во НАТО на самитот на 11 и 12 јули следната година.
– За да се драматизираат случувањата и да се окарактеризираат како итни разговорите за името, грчкиот министер за надворешни работи во едно интервју рече дека прашањето треба да се реши во првата половина од 2018 година… Ако не се реши, ќе има големи потешкотии. Ако се реши, потребни се три до четири месеци бирократска процедура во ОН. Така, треба да се реши до крајот на 2018 година, затоа што 2019 ќе започне со избори за претседател во соседната земја, а потоа, летото и во Грција ќе има избори, потсетува „Ризоспастис“.